УЈП: За шест месеци наплатени 2,27 милијарди евра даноци и придонеси, 231,8 милиони повеќе од лани
03/07/2026 16:11
Управата за јавни приходи соопшти дека во првата половина од 2026 година се наплатени 2 милијарди и 271 милион евра даноци и придонеси.
Според УЈП, тоа е за 231,8 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Од институцијата оценуваат дека резултатите претставуваат потврда за забрзано темпо на раст на јавните приходи, стабилна наплата и позитивни економски движења.
Раст на даночните приходи и придонесите
Во периодот јануари–јуни 2026 година, даночните приходи бележат раст од 14,9 проценти во однос на истиот период лани.
Приходите од придонеси, пак, се повисоки за 7,6 проценти.
Особено се издвојува месец јуни, кога е забележан раст на приходите од даноци од 41,6 проценти, како и раст на приходите од социјални придонеси од 12 проценти во споредба со истиот месец од претходната година.
„Овие резултати претставуваат потврда за стабилната наплата на јавните приходи, зајакнатата доброволна усогласеност на даночните обврзници и позитивните економски движења“, велат од УЈП.
Од Управата додаваат дека стабилната наплата е важен предуслов за стабилни јавни финансии, навремено сервисирање на буџетските обврски и обезбедување средства за здравство, образование, социјална заштита, инфраструктура и други јавни услуги.
Наплатени 224,5 милиони евра данок на добивка
Во првото полугодие од 2026 година, по основ на данок на добивка се наплатени 224,5 милиони евра.
Тоа претставува раст од 14,5 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Од УЈП велат дека наплатата бележи континуиран месечен раст кај сите компоненти на овој данок.
Според институцијата, особено значајно е што растот кај годишните даночни биланси и месечните аконтации произлегува од подобрените финансиски резултати на компаниите во 2025 година.
Раст и кај данокот на личен доход
Во првите шест месеци од годинава, од данокот на личен доход се наплатени 285,2 милиони евра.
Ова е 11,7 проценти повеќе во споредба со истиот период лани.
Раст на наплатата е евидентиран секој месец, а најголемо зголемување има кај доходот од работа, особено по договори на дело и авторски права, закупнини, доход од капитал и капитални добивки, доход од игри на среќа, како и кај доплатите по годишниот данок на доход.
Особено се издвојува јуни, кога е остварен раст на наплатата од 20,8 проценти.
ДДВ со раст од 16,4 проценти
Во првите шест месеци од 2026 година, по основ на ДДВ се наплатени 703,4 милиони евра.
Според УЈП, тоа е 16,4 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Од институцијата наведуваат дека растот е остварен и покрај примената на намалени стапки на ДДВ за горивата во дел од годината.
Тоа, според УЈП, покажува дека резултатите се должат на поширока даночна база, повисока економска активност и подобра наплата, а не на повисоко даночно оптоварување.
Над една милијарда евра од социјални придонеси
Во периодот јануари–јуни 2026 година, по основ на социјални придонеси се наплатени 1 милијарда и 57,7 милиони евра.
Ова претставува раст од 7,6 проценти во однос на истиот период минатата година.
Од УЈП оценуваат дека континуираниот раст на јавните приходи е показател за посилна економија, поголема даночна дисциплина и доверба во институциите.
Управата најавува дека ќе продолжи со реформите за фер даночен систем, модерни услуги и стабилни јавни финансии во интерес на граѓаните и стопанството.




