MKinformer

your daily dose of news

Револт и нервоза кај граѓаните за даночните побарувања за приходи од странство – УЈП и државата удрија по џебот на граѓаните

19/12/2025 18:36

Последниве денови стотици граѓани се слеваат во просториите на Управата за јавни приходи во Скопје и низ подрачните единици во државата, откако добија решенија за плаќање персонален данок за приливи од странство остварени во 2020 година – што е последната година во рамките на законскиот рок за застара. Реакциите се различни – дел веднаш плаќаат, други се збунети, а многумина револтирани.

Пред канцеларијата 102 во УЈП во Скопје, граѓани сведочат за големи турканици и долги редови. Еден скопјанец раскажува дека чекал два часа за да објасни дека хонорарот што го добил од Германија во 2020 бил оданочен таму, но доказите ги фрлил. Од пресметката на УЈП останал шокиран, бидејќи данокот што му е пресметан е поголем од реално примениот износ. Сега се надева дека банката ќе му издаде изводи за да докаже што навистина му било исплатено.

Има и многу поапсурдни примери. Жена која добила 3.000 денари подарок од роднина за новогодишни пакетчиња мора да плати уште 300 денари данок, при што банката веќе задржала провизија од 600 денари.

Под удар на УЈП се и работници кои изминатите години работеле во опасни зони како Авганистан. Еден од нив вели дека заработеното го вложил во изградба на дом, а сега му бараат илјадници евра: „Од каде да ги најдам тие пари?“.

Има и пример со жена која примала алиментација од поранешниот сопруг од странство – и за тој прилив УЈП бара персонален данок.

Некои граѓани откриваат дека добиле решенија, иако веќе си ги платиле обврските. Фриленсер од Скопје успеал да докаже дека данокот го уплатил пред години – но загубил денови во барање стара документација и чекање пред шалтер.

Граѓаните прашуваат: кои приливи се оданочуваат? Што со дознаките? Што ако данокот бил платен во странство? Од УЈП засега нема официјален одговор.

Според експерти, моментално се применува политика „сѐ се оданочува“, со ограничени исклучоци. Дознаките, велат тие, зависеле од шифрата со која банките ги евидентирале трансакциите.

Во интервју, директорката на УЈП Елена Петрова потврди дека се испратени околу 7.400 покани, а веќе има над 1.000 доброволно поднесени пресметки и приближно 200 издадени даночни решенија. Обврската ја имаат сите резиденти кои најмалку 183 дена живеат во Македонија – вклучувајќи фриленсери, ИТ услуги, лица кои работеле времено во странство, како и оние што примале приходи преку странски компании.

Ако странството веќе наплатило данок, УЈП проверува дали може да се користи даночен кредит или ослободување, во зависност од договорот со земјата исплатувач.

Кај граѓаните има страв дека ваквиот пристап ќе ги одврати иселениците и фриленсерите од користење банкарски канали – што би го намалило приливот на милиони евра во земјата. Други потсетуваат дека оваа практика е резултат на сериозен притисок врз буџетот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!