Данска на нозе: Резервисти повикани по инциденти со дронови над Копенхаген
30/09/2025 14:20
Данска се соочува со сериозна безбедносна криза откако неидентификувани дронови го нарушија воздушниот простор над Копенхаген две вечери по ред. Во одговор, неколку стотици резервисти биле итно повикани во армијата, што претставува невообичаен и тивок вид мобилизација, без официјално објавување, но со целосна организациска подготвеност. Војската не ја коментира точната бројка на повикани, но според извештаите, се работи за персонал кој се активира на клучни стратешки позиции, особено за заштита на инфраструктура и противдронски одбрана.
Данска воведе забрана за летови со цивилни дронови над делови од земјата, а НАТО ја зголеми својата присутност во областа на Балтичкото Море. Земји-членки на ЕУ како Франција, Германија и Шведска понудиле поддршка во форма на антидрон системи и стручњаци, додека Украина испратила свои експерти да учествуваат во вежбите за детекција на дронови над Балтикот.
Оваа мобилизација и засилената безбедносна активност се дел од пошироките напори на Данска и нејзините сојузници да се справат со новите безбедносни закани во Европа, предизвикани од хибридни напади и нарушувања на воздушниот простор.






