Јакимовски: Карпош ја води зелената транзиција, поддршка до 2.500 евра за електрични возила
16/10/2025 16:46
Општина Карпош продолжува да чекори кон зелена и енергетски ефикасна иднина. Градоначалникот и кандидат за уште еден мандат, Стевче Јакимовски, преку објава на „Фејсбук“ најави нова општинска мерка со која граѓаните ќе добиваат поддршка до 2.500 евра при набавка на електрично возило.
„Иднината не доаѓа сама – ние ја полниме“, порача Јакимовски, нагласувајќи дека Општината ќе постави целосна инфраструктура за полнење на електрични возила, а сите општински возила ќе преминат на електричен погон.
На зградата на Општина Карпош ќе бидат поставени фотоволтаични панели, а произведената енергија ќе се користи за бесплатно полнење на возилата на граѓаните и на службените автомобили.
„Карпош не чека други да ја водат зелената транзиција, Карпош ја создава. Ние мислиме, делуваме и штедиме“, истакна Јакимовски, додавајќи дека оваа иницијатива ќе придонесе за почист воздух, помало загадување и поодржлива иднина.
Со оваа мерка, Карпош уште еднаш го потврдува статусот на предводник во еколошките и енергетски реформи меѓу македонските општини.






