Лисабон како Македонија: Кабелот виновен за несреќата со фуникуларот
21/10/2025 10:00
Официјалната истрага за тешката несреќа со фуникуларот во Лисабон, во која на почетокот на септември загинаа 16 лица, откри дека причината за падот била неисправна сајла што не ги исполнувала безбедносните стандарди.
Според извештајот на португалското Биро за истрага на воздушни и железнички несреќи (GPIAAF), кабелот што ги поврзувал двете кабини на жичницата „Елевадор да Глорија“ не одговарал на техничките барања пропишани од градскиот транспортен оператор — Железничката компанија на Лисабон (CCFL).
Фуникуларот на 3 септември излета од шините и удри во зграда, при што 11 од загинатите биле странски државјани, а 20 патници се здобиле со повреди. Инспекторите наведуваат дека утринскиот технички преглед на денот на несреќата не открил никакви неправилности со кабелот што подоцна пукнал.
По трагедијата, сите градски жичници во Лисабон се ставени надвор од употреба. Надлежните најавија дека нема да бидат повторно активирани сè додека не се потврди дека имаат сигурни системи за сопирање кои можат да ја запрат кабината во случај на прекин на сајлата.






