Возачот кој усмрти велосипедист кај мостот „Гоце Делчев“ е пронајден и уапсен
03/11/2025 17:29
Денеска во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 37-годишниот Х.К. од Скопје, откако предизвикал тешка сообраќајна несреќа со смртен исход на булеварот „Гоце Делчев“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, околу 12:30 часот, возачот со патничко возило „пасат“ со скопски регистерски ознаки удрил во велосипед управуван од Ј.Ќ. (78) од Скопје, кој од здобиените повреди починал на самото место.
– „По несреќата, возачот го напуштил местото на настанот, но по преземени мерки, бил пронајден и уапсен,“ информираат од МВР.
Возилото е одземено, а по целосното документирање на случајот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Настанот предизвика вознемиреност кај жителите на овој дел од градот, каде во последните месеци се регистрирани повеќе сообраќајни инциденти во кои страдаат пешаци и велосипедисти.






