Распишана потерница: Возачот кој прегази жена во Капиштец избегал од државата со татко му
10/01/2026 13:42
СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 11:30 часот на улицата „Народен фронт“ во центарот на Скопје, во која животот го загуби 79-годишна жена.
Според информациите од Министерство за внатрешни работи, патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С. (18) од Скопје, удрило во пешакот Љ.Ј. (79). Повредената жена била пренесена во Ургентниот центар, каде подоцна им подлегнала на повредите. По несреќата, возачот го напуштил местото на настанот без да укаже помош.
По пријавата, полициските службеници презеле интензивни мерки за пронаоѓање на возачот и возилото. Преку системот Безбеден град, камерите од околните објекти и изјави од сведоци, било утврдено дека возилото е сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а било управувано од неговиот син С.С. (18).
Возилото било пронајдено пред домот на сопственикот, каде бил затекнат С.С. (69) дедо на сторителот, кој бил приведен и со него бил извршен службен разговор. Дополнително било утврдено дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј. (53) од Скопје, ја напуштиле државата истиот ден.
Лицата Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава за „помагање на сторител по извршено кривично дело“. Против 18-годишниот возач е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.
По возачот и неговиот татко е распишана потерница. Во рамки на истрагата се пронајдени и одземени двете возила – „фолксваген пасат“, со кое била удрена жената, и „мерцедес“, со кое осомничените ја напуштиле државата. За случајот е известен јавен обвинител, а истрагата продолжува.






