MKinformer

your daily dose of news

Возачката дозвола станува луксуз? Полагaњето за Б категорија поскапе за речиси 10.000 денари

17/11/2025 12:03

Полагaњето за возачка дозвола од Б категорија значително поскапе и од овој месец кандидатите мора да издвојат околу 34.000 денари, што е за речиси 10.000 денари повеќе од претходната цена од 24.000 денари, пренесува порталот „Денар“.

Дополнително, кандидатите мора да плаќаат и 250 денари по час за изнајмување полигон, па така секој вежбовен час претставува нов финансиски товар.

Авто-школите велат дека покачувањето било неизбежно поради растечките трошоци за гориво, одржување и техничка опрема, но и поради новите стандарди кои ги воведе Министерството за транспорт и врски.

„Цените не можат да останат исти како пред десет години, кога сè околу нас е поскапо“, велат од авто-школите, иако признаваат дека многу млади сега двапати размислуваат дали да се запишат.

Економските аналитичари предупредуваат дека новата цена може да има пошироки последици – дел од кандидатите можно е да одложат или целосно да се откажат од полагање, што би влијаело и врз пазарот на труд, особено во професиите каде што возачката дозвола е предуслов за работа.

Од Министерството за транспорт неофицијално информираат дека промените биле направени со цел подобрување на квалитетот на обуката и усогласување со европските стандарди.

Но кај младите, ваквите објаснувања не предизвикуваат особена утеха. Мнозина коментираат дека и претходно било скапо, а сега „само богатите ќе можат да возат“.

Возачката дозвола, која порано беше симбол на независност и зрелост, сè повеќе станува луксуз кој не секој може да си го дозволи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!