Кафето станува луксуз! Нема повеќе кафе за 50 денари: Цените во кафулињата и маркетите растат, кои се факторите кои влијаат на цените
26/02/2026 18:40
Цените на кафето во угостителските објекти во земјава бележат континуиран пораст, при што граѓаните за едно кафе издвојуваат од 80 до 150 денари, а на одредени локации и до 180 денари. Поскапувањето ги менува навиките – сè почесто кафето во град станува повремен, наместо секојдневен ритуал.
Еспресото и макијатото најчесто се нудат по пониски цени, додека специјалните кафиња – капучино, лате или ароматизираните варијанти – достигнуваат и до 170 денари. Во дел од скопските кафулиња еспресото чини околу 90 денари, макијатото 110 денари, а лате од 150 до 170 денари. Малото пиво се движи од 150 денари, а во некои локали достигнува и до 300 денари.
Граѓаните реагираат дека за краток период цените скокнале за 10 до 20 денари.
„Кога седнавме на кафе, плативме 140 денари наместо 120, колку што беше претходно. Ни рекоа дека цените се покачени“, вели една скопјанка.
Што го турка поскапувањето?
Угостителите посочуваат дека корекцијата на ценовниците е резултат на зголемени трошоци. Пред сè, расте набавната цена на кафето, но и трошоците за транспорт, електрична енергија и закуп на деловен простор.
Дополнително, аналитичарите укажуваат на неколку клучни фактори:
-
Раст на цената на кафето на светските берзи – климатските промени и сушите во Бразил и Виетнам, како најголеми производители, влијаат врз понудата и цената.
-
Поскапување на електричната енергија – кафе-апаратите и ладилниците работат континуирано, што значително ги зголемува месечните сметки на локалите.
-
Раст на цените на станбениот и деловниот простор – кириите во централните градски подрачја бележат постојан пораст.
-
Зголемени трошоци за работна сила – повисоки минимални плати и недостиг на кадар во угостителството.
-
Инфлациски притисоци и транспортни трошоци – глобалната нестабилност и поскапувањето на горивата дополнително влијаат врз цената на увозните производи.
Историски раст на цените на кафето: Глобални економски последици и предизвици за производителите
Поскапува и кафето во маркетите
И во маркетите има корекција на цените. Пакување турско кафе од 200 грама моментално чини од 150 до 200 денари. Граѓаните велат дека најчесто купуваат на акција или поголеми пакувања со „гратис“ грамажа.
Според податоците на Државниот завод за статистика, цените на угостителските услуги за една година пораснале за 3,4 отсто, а во последните две години за речиси 10 отсто.
Кафето – навика што тешко се напушта
И покрај растот на цените, кафулињата остануваат полни. За многумина, утринското или попладневното кафе е повеќе од пијалак – тоа е социјален ритуал и дел од секојдневната култура.
Прашањето е дали трендот на поскапување ќе продолжи. Експертите предупредуваат дека глобалните климатски и економски фактори и натаму ќе вршат притисок врз цените, што значи дека кафето би можело дополнително да поскапи во наредниот период.






