Трамп се пофали дека имал „многу добар разговор“ со Си Џинпинг
24/11/2025 23:09
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека денеска имал „многу добар разговор“ со кинескиот лидер Си Џинпинг, јавуваат британските медиуми. Информацијата прво беше објавена од Пекинг, а државната агенција Синхуа пренесе дека Си истакнал како е важно да се одржи позитивниот замав во билатералните односи, воспоставен на нивната последна средба во Јужна Кореја.
Кинескиот претседател нагласил дека „обединувањето на Тајван со Кина е суштински дел од повоениот меѓународен поредок“, повторувајќи ја долгогодишната стратегиска позиција на Пекинг.
Од американска страна, Трамп изјави дека со Си разговарале за клучни глобални теми – војната во Украина, трговијата со фентанил и нови договори значајни за американските земјоделци.
„Постигнавме одличен и многу важен договор за нашите големи земјоделци – и тоа е само почеток. Односите меѓу САД и Кина се исклучително силни!“, напиша Трамп на сопствената социјална мрежа Truth Social.
Американските медиуми дополнително пренесуваат дека Трамп ја прифатил поканата на Си Џинпинг да ја посети Кина во април следната година. Паралелно, кинескиот претседател ќе допатува во државна посета на САД во втората половина од 2026 година, што се гледа како обид за стабилизација и продлабочување на односите меѓу двете најмоќни економии во светот.
Официјалните канали во двете држави најавуваат дека дипломатската комуникација ќе продолжи со засилен интензитет во следните месеци.





