Трамп го повлече ултиматумот кон Украина и тврди дека разговорите со Русија напредуваат
26/11/2025 13:04
Американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од рокот што ѝ го постави на Украина, да го прифати американско-рускиот мировен план до четврток и истовремено ги намали значењето на информациите дека неговиот претставник Стив Виткоф ги советувал руските власти околу стратегијата за договорот. Изјавата дојде за време на неговото патување кон Флорида по повод Денот на благодарноста, пренесува Ројтерс.
Трамп изјави дека американските пратеници постигнуваат напредок во контактите со Москва и Киев, додавајќи дека Русија прифатила одредени отстапки, но без да прецизира што точно е договорено. Американската рамка за завршување на конфликтот – која неодамна ја објави Ројтерс, предизвика загриженост во Украина и кај европските сојузници поради стравувања дека администрацијата на Трамп ќе изврши притисок врз Киев да прифати решение наклонето кон Москва.
Трамп потврди и дека неговиот специјален претставник Стив Виткоф следната недела ќе отпатува во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Во процесот е вклучен и Џаред Кушнер, зетот на Трамп, кој претходно имаше улога во постигнувањето на примирјето меѓу Израел и Хамас.
И покрај претходно најавениот рок кон Украина, Трамп сега изјави дека не поставува цврст термин за договор: „Мојот рок е, кога ќе биде готово“, истакнувајќи дека процесот продолжува без притисок врз Киев да се изјасни до конкретен датум.






