Прва рунда мировни разговори меѓу Украина и САД во Флорида: „Тешки, но продуктивни“
01/12/2025 13:42
Украински и американски претставници ја завршија првата рунда разговори во Флорида за мировниот план поддржан од Вашингтон, кој треба да ја заврши војната со Русија. Двете страни ги оценија дискусиите како „продуктивни“, но потенцираа дека процесот штотуку започнува и дека следат уште сложени фази, пренесува Киев Индипендент.
Украинската делегација, предводена од секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, преговараше со американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер – зет на претседателот Доналд Трамп. Средбата се одржа во приватниот клуб на Виткоф во Халандале Бич.
По разговорите, Рубио изјави дека состанокот бил „многу конструктивен“ и дека дискусијата се фокусирала на условите за прекин на конфликтот и долгорочната стабилност на Украина. „Ова е чувствителен и комплексен процес со многу подвижни делови“, предупреди тој, нагласувајќи дека ролјата на Русија останува клучна.
Сличен став изнесе и Умеров, кој потврди дека се разгледувале сите прашања значајни за Киев и дека американската страна била „максимално поддржувачка“. Иако не беа објавени конкретни детали, извори за CNN велат дека се разговарало за некои од „најделикатните точки“ на потенцијалниот договор.
Преговорите во Флорида продолжуваат на процесот започнат во Женева, каде што беше ревидиран првичниот документ од 28 точки — план кој бараше сериозни отстапки од Украина во согласност со руските барања.
Разговорите се одвиваат во време на сериозна политичка турбуленција во Киев. Оставката на Андриј Јермак – најблискиот советник на Зеленски и човек кој требаше да ги води мировните преговори – дојде среде голема антикорупциска истрага во енергетскиот сектор. Иако не е обвинет, неговото име се поврзува со скандалот „Енергоатом“.
Во меѓувреме, Виткоф и Кушнер се надеваат дека ќе ја финализираат украинската верзија на договорот пред 2 декември, за да биде презентирана на рускиот претседател Владимир Путин. Според американски извори, приоритет се две прашања: територијалните гаранции и долгорочната безбедност на Украина.
Зеленски, кој интензивно комуницира со меѓународните партнери, вклучувајќи ја Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, изрази надеж дека „во наредните денови ќе се дефинираат чекори за достоинствено завршување на војната“.
Паралелно, Киев ги усогласи санкциите кон Русија со оние на Вашингтон, таргетирајќи ги нафтените гиганти „Лукоил“ и „Роснефт“. Но, Москва и натаму ги отфрла сите предлози за прекин на огнот, инсистирајќи на меѓународно признавање на окупираните територии и повлекување на украинските сили од Донбас.






