Трамп го испраќа специјалниот претставник Виткоф во Москва на средба со Путин за финализирање на мировниот план за Украина
26/11/2025 12:53
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го испраќа специјалниот претставник Стив Виткоф во Москва на нова рунда разговори со рускиот претседател Владимир Путин, во рамките на обидите да се финализира мировниот договор за Украина. Киев, според последните изјави, е подготвен „да продолжи напред“ со процесот, иако остануваат неколку „чувствителни точки“ за доработка.
Кремљ потврди дека Виткоф ќе пристигне во Москва следната недела, при што средбата ќе се одржи во период на засилена дипломатска активност околу мировниот предлог поддржан од САД. Иако Вашингтон го промовира планот како реална можност за прекин на војната, дел од украинската јавност, како и неколку европски лидери, со скепса гледаат на неговата содржина и имплементација.
Советникот за надворешна политика Јуриј Ушаков на 26 ноември потврди дека се постигнати прелиминарни договори за посетата. Најавите уследија само неколку часа откако Трамп сугерираше дека Виткоф, можеби придружуван и од неговиот зет Џаред Кушнер, ќе отпатува во руската престолнина. Ушаков, сепак, не потврди дали Кушнер ќе биде дел од делегацијата.
Виткоф, познат по својата бизнис-кариера во секторот недвижности и без формална дипломатска позадина, во последната година е задолжен да ги координира американските напори за прекин на војната. Средбата во Москва ќе биде негов шести директен контакт со Путин од јануари.
Тензиите и дипломатските активности се интензивираа во текот на последните 24 часа, со повеќе паралелни состаноци на делегации во земји од Блискиот Исток и Европа, што укажува на потенцијален напредок кон договор кој би ставил крај на најголемиот вооружен конфликт во Европа по Втората светска војна.
Трамп претходно соопшти дека „оригиналниот мировен план од 28 точки“ е значително усогласен со дополнителни забелешки од американската, руската и украинската страна и дека остануваат само неколку нерешени прашања. „Со надеж за финализирање на овој мировен план, му наложив на мојот специјален пратеник Стив Виткоф да се сретне со претседателот Путин во Москва, а истовремено секретарот на армијата Ден Дрискол ќе се сретне со Украинците“, објави Трамп.






