ЦУК предупредува: Можно зголемување на водостоите и обилни снежни врнежи во следните денови
26/11/2025 17:35
Состојбата со дождовите кои ја зафатија земјата засега е стабилна, но Центарот за управување со кризи (ЦУК) најавува пораст на водостојот кај реката Вардар, особено во горниот дел на нејзиниот тек, како и во сливовите на Треска, Радика, Сатеска, Коселска, Лепенец, Пчиња и Струмица. Зголемување е можно и кај водотеци и суводолници на Шар Планина и во Охридско-Преспанскиот регион.
Поради високото ниво на подземни води, на одредени локации постои ризик од нивно мешање со површинските води, што може да предизвика локално заезерување. ЦУК апелира на претпазливост при движење покрај реки и суводолници и ги повикува општините и јавните претпријатија да ги проверуваат критичните точки каде што е можно излевање или поплавување.
Освен дождот, се очекуваат и обилни снежни врнежи, особено на планинските предели.
„Апелираме граѓаните да патуваат внимателно во следните денови и тоа само доколку е неопходно, со полн резервоар и соодветна зимска опрема, особено на повисоките места и планинските превои. Можно е формирање снежни наноси и привремена непроодност на одредени патни правци. Лицата кои живеат во повисоки места треба навремено да се снабдат со храна и лекови“, стои во соопштението на ЦУК.
Во случај на опасност или итна потреба, граѓаните можат да се јават на бесплатниот број 112.






