MKinformer

your daily dose of news

УХМР предупредува: снег и можни свлечишта

08/01/2026 8:14

Поради продор на постуден воздушен бран и засилен северен ветер, утре врнежите од дожд на повеќе места низ земјава ќе преминуваат во снег, информира Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Снег најпрво се очекува на повисоките планински предели, но постепено и на дел од пониските места, особено во западниот дел од државата. На планините во западните региони се прогнозира формирање нова снежна покривка, додека помала снежна покривка е можна и во котлините.

Од Секторот за хидрологија при УХМР соопштуваат дека поради обилните врнежи од дожд во текот на денот е забележано значително зголемување на водостојот на речиси сите водотеци во државата.

Највисок водостој е регистриран во горниот дел од сливот на реката Вардар, особено во гостиварскиот и пелагонискиот регион, како и на реките Сатеска и Радика со нивните притоки.

Зголемување на водостојот е евидентирано и на реката Треска, како и на повеќе помали реки и суводолници во нејзиниот слив. Според хидролозите, забележана е брза реакција на врнежите, со активирање на поголем број помали водотеци, претежно во западниот дел од земјата.

Во источните региони, пораст на водостојот е регистриран на реката Струмица, како и во горниот дел од сливот на Брегалница.

Од УХМР информираат дека врнежите ќе продолжат до крајот на денот и во текот на ноќта, особено во западните делови, поради што се очекува водостојот во наведените сливни подрачја да остане висок. Постојат услови за локални излевања на помалите реки и суводолници, како и на делови од каналската мрежа, но и за појава на одрони и свлечишта.

Надлежните служби апелираат до граѓаните на зголемена внимателност и претпазливо движење покрај реките и суводолниците, особено во вечерните часови и во текот на претстојната ноќ.

error: Содржината е заштитена од копирање !!