MKinformer

your daily dose of news

ЦУК со најнова состојба: Поплави, евакуации и критични точки низ државата

09/01/2026 9:52

Центарот за управување со кризи (ЦУК) објави детална информација за состојбата со обилните врнежи од дожд низ земјата, заклучно со утринските часови. Во повеќе региони се евидентирани излевања на реки, поплави, свлечишта и оштетувања на патната инфраструктура, додека надлежните служби се постојано на терен.

Источен регион

Во Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите во полскиот дел. Кочанска река има локално излевање кај селото Горни Подлог, каде интервенира КЈП „Водовод“ со механизација. Зрновска река се излеала пред вливот во Брегалница, додека најкритична е состојбата кај Оризарска река во селото Грдовци, каде се поплавени подрумски простории. Сообраќајот на северниот влез во селото е забранет.

На патниот правец Македонска Каменица – рудник САСА, поради одрон, сообраќајот се одвива по една лента. Во Пробиштип има отежнат сообраќај поради излевање на реката Киселица.

Скопски регион

Во Скопскиот регион засега нема нарушување на редовната состојба предизвикано од врнежите.

Југозападен регион

Во Охрид е одржан состанок на Кризниот штаб, а најпогодена е населбата Далјан поради излевање на реката Далја. Се интервенира со тешка механизација и пумпи, а преку бројот 112 се примени голем број пријави. Проблеми се пријавени и на Коселска река кај селото Ливоишта.

Во Кичево, иако водостоите се намалуваат, состојбата на одредени локации останува критична. Околу 120 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.

Пелагониски регион

Во Битола градското подрачје е нормализирано, освен населбата Стрчин. Во селата Кравари, Жабени и Породин се поплавени земјоделски површини. Во Ресен и околните села се евидентирани поплави на дворови и помошни објекти, но водостоите постепено опаѓаат.

Во Крушево и Демир Хисар има локални излевања на реките Црна и Обедничица, со оштетена патна инфраструктура.

Северен и североисточен регион

Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевања на реките, но се евидентирани подмрзнати коловози. Во Крива Паланка, Ранковце и Кратово состојбата е стабилна.

Полошки регион

Во Тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон селото Ѓермо и месноста Бањиче, кои се моментално непроодни. Во Мала Речица е пријавено уривање на потпорен ѕид, додека во општина Желино има излевање на реката Вардар во селото Стримница.

ЦУК апелира граѓаните да бидат внимателни, да ги почитуваат препораките на надлежните институции и да пријавуваат опасности на бројот 112.

error: Содржината е заштитена од копирање !!