MKinformer

your daily dose of news

Фалат архиви на министерства! Каде се податоците за градежни компании со одземени лиценци?

28/11/2025 13:39

Голем дел од старите архивски материјали на официјалните веб-страници на македонските министерства исчезнаа. Свесно или несвесно, намерно или ненамерно. Дел од губењето на архивските податоци се поради несоодветно реализираниот редизајн, што претставува сериозен проблем за јавноста и институционалната транспарентност, пишува Балкан Инсајт.

При обид да се проверат податоци за градежните компании на кои им беа одземени лиценците по трагичниот пожар во кочанскиот ноќен клуб на 16 март, корисниците сега наидуваат само на „404“ страница – документот веќе не постои на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски.

Исто така од веб-страната на министерството за транспорт и врски недостасуваат барањата за информации од јавен карактер од 2023, 2024 и секако 2025 година која привршува.

Истото важи и за бројни објави поврзани со 70-милионскиот заем од ЕБОР, кој во 2021 година требаше да биде искористен за проектот Брз Автобуски Транспорт (БРТ) во Скопје, под водство на Министерството за финансии.

Овој масовен „пад“ на архивите се случи по започнувањето на владниот проект за унифицирање на веб-страниците на министерствата, кој требаше да се заврши до почетокот на ноември, но очигледно се одвива со големи проблеми и задоцнувања.

Во меѓувреме, информациите стари само неколку месеци или години може да се најдат единствено преку медиумите кои ги републицирале – доколку тие статии воопшто сè уште постојат. Ова отвора сериозни прашања за дигиталната архива на државата, особено во земја каде историските наративи често се предмет на јавни и политички спорови.

error: Содржината е заштитена од копирање !!