Владата одзеде уште 6 лиценци за одгледување канабис
10/03/2026 22:18
На денешната прес-конференција во Владата, портпаролката Марија Митева соопшти дека на владината седница била разгледана информација од Министерството за здравство, по што е донесена одлука за одземање на уште шест лиценци за одгледување канабис.
Одговарајќи на новинарски прашања, Митева истакна дека станува збор за точки предложени од Министерството за здравство, а одлуката се однесува на шест лиценци кои Владата ги повлекла по извршени контроли.
„Денес имаше 6 точки од Министерството за здравство и 6 лиценци Владата денес ги одзема. За подетални информации кои се фирмите, ве молам да се обратите до Министерството за здравство каде што и практично е оваа Комисија. Од она што можев да го видам од информацијата која што помина на Владата, станува збор за законски пропусти при извршена проверка од страна на Комисијата која што е надлежна да ги провери сите услови што треба да ги поседуваат. И да, Владата донесе одлука за одземање на уште 6 лиценци“, изјави Митева.
Таа посочи дека за повеќе детали околу компаниите на кои им се одземени лиценците, јавноста треба да се обрати до Министерството за здравство, во чии рамки функционира и надлежната комисија.
Според информациите споделени на седницата, причината за одземањето се утврдени законски пропусти при проверките што ги спровела Комисијата задолжена за контрола на исполнетоста на условите за работа.
Со оваа одлука, Владата продолжува со проверките и ревизијата на лиценците во овој сектор.




