MKinformer

your daily dose of news

Виткоф и Кушнер во Москва: Нов обид за договор меѓу САД, Русија и Украина

02/12/2025 9:32

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, заедно со неговиот зет Џеред Кушнер, денеска (2 декември) пристигнуваат во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, во рамки на напорите за пронаоѓање излез од војната во Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го потврди состанокот.

Посетата следува по интензивните разговори меѓу американски и украински претставници во Флорида, кои донесоа одреден напредок, но и укажаа дека се потребни значителни дополнителни усогласувања.

Американскиот мировен предлог од 28 точки, кој неодамна се појави во јавноста, предизвика сериозни реакции во Киев и европските центри, бидејќи дел од содржината наликува на исполнување на клучни барања на Москва. По критиките, западните партнери и Украина подготвија свои контрапредлози, по што со САД е усогласена ревидирана верзија на рамковниот план.

Рускиот претседател Путин изјави дека во моментот не станува збор за официјален нацрт-договор, туку за сет предлози кои би можеле да послужат како основа за идните разговори.

Москва, меѓу другото, инсистира Украина да се откаже од членство во НАТО, да ја ограничи својата армија и да ја прифати руската контрола врз Крим и окупираните региони Доњецк, Запорожје и Херсон – барања кои Киев ги оцени како неприфатливи.

Во исто време, САД му понудиле на Киев десетгодишни безбедносни гаранции, додека Трамп повторува дека неговата администрација ќе се фокусира на брзо завршување на војната, која ја опишува како „крвопролевање“ и „посреднички конфликт“.

На фронтот, руските сили моментално контролираат над 19% од украинската територија и во последните месеци бележат најголем напредок од 2022 година. Вчера руската армија објави дека влегла во Покровск и Вовчанск. Според американски процени, вкупниот број загинати и ранети на двете страни надминува 1,2 милиони, иако ниту Москва ниту Киев не ги објавуваат официјалните загуби.

error: Содржината е заштитена од копирање !!