Од јануари пензионерите и студентите ќе можат да работат без да ги изгубат пензиите и стипендиите
09/12/2025 11:03
Од почетокот на 2026 година ќе започне примената на новиот Закон за работно ангажирање лица, со кој првпат системски се уредува сезонската работа во земјава. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, најавува дека овој модел треба значително да придонесе кон намалување на сивата економија и работата „на црно“.
Новиот закон ги опфаќа студентите, пензионерите, невработените, но и самовработените кои сакаат дополнителен ангажман, без притоа да го изгубат својот статус или бенефициите што веќе ги користат.
Ангажманите ќе бидат дозволени во три сектори: угостителство, земјоделство и услужни дејности.
Ристески објаснува дека законот овозможува работно активирање на различни категории граѓани без ризик да го изгубат пензионерскиот статус, студентските права или социјалните примања, што го прави овој модел значаен чекор во модернизацијата на пазарот на труд.
Новитет е и мобилната апликација преку која работодавците ќе можат веднаш да пријават или одјават сезонски работник, што ќе обезбеди транспарентност и ефикасна контрола.
Целта е да се намали неформалната економија, да се зголемат буџетските приходи и да се создадат нови можности за дополнителна заработка.
Според законските одредби, ангажирањето може да трае меѓу 120 и 180 дена годишно, зависно од секторот, или максимум 15 дена месечно.






