MKinformer

your daily dose of news

Пензиите од септември се зголемуваат за 3 отсто – ПИОМ ја потврди новата пресметка

24/09/2026 16:10

Пензиите од септември се зголемуваат за 3 отсто, согласно законскиот модел за усогласување. Информацијата ја потврди директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов.

Со ова, по периодот на линеарни зголемувања, повторно се применува процентуалното усогласување според трошоците на живот и движењето на просечната плата.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување предвидува пензиите да се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. Формулата е 50 проценти од растот на трошоците на живот и 50 проценти од растот на просечната плата.

Просечната пензија ќе порасне за околу 841 денар

Според пресметките, просечната пензија од 28.050 денари со зголемувањето од 3 отсто би достигнала околу 28.891 денар.

Тоа значи просечно зголемување од околу 841 денар.

Кај просечната старосна пензија од 29.609 денари, зголемувањето би изнесувало околу 888 денари.

Новиот износ би бил приближно 30.497 денари.

Колку ќе добијат пензионерите?

Пензионер со примања од 20.228 денари би добил околу 607 денари повеќе месечно.

Кај највисоката пензија од 94.332 денари, зголемувањето би изнесувало приближно 2.830 денари.

Разликата произлегува од процентуалниот модел, според кој повисока пензија носи и поголемо номинално зголемување.

Пензионерите чекаат одговор: Колкаво ќе биде зголемувањето на септемвриските пензии?

Над 349 илјади корисници на пензија

Според податоците на ПИОМ, во август пензија била исплатена на 349.334 корисници.

Од нив, 26.585 лица имале примања до 20.228 денари.

Пензија до 23.945 денари примале 129.480 корисници, а до 30.000 денари – 82.894 лица.

Само околу еден процент од пензионерите имале примања повисоки од 64.518 денари.

Се завршува периодот на линеарни зголемувања

Во 2024 и 2025 година пензиите беа зголемувани и со фиксни износи.

Официјалните податоци на ПИОМ покажуваат дека од септември 2024 година пензиите беа зголемени за 2.500 денари. Во 2025 година следуваше уште едно зголемување од 2.500 денари, а потоа и фиксно зголемување од 1.036 денари.

Дел од пензионерите со пониски примања се залагаат ваквиот модел да продолжи, бидејќи фиксниот износ носи еднакво номинално зголемување за сите.

Други, пак, го поддржуваат процентуалниот модел бидејќи ја задржува разликата меѓу пензиите утврдена според стажот и уплатените придонеси.

Со новото усогласување, пензиите од септември се зголемуваат за 3 отсто, а конкретниот износ ќе зависи од висината на секоја поединечна пензија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!