Видео од групна тепачка меѓу ученици основци, во дворот на ОУ „Дитурија“ во Сарај ја вознемири јавноста
13/12/2025 14:28
Вознемирувачка снимка се појави на социјалните мрежи, прикажувајќи групна тепачка меѓу ученици во училишниот двор на централното основно училиште „Дитурија“ во скопското село Сарај, јавува „Слободен печат“.
На видеото се гледа како неколку ученици жестоко се пресметуваат со удари со раце и нозе, додека околу нив стојат повеќе деца кои наместо да го спречат насилството, мирно набљудуваат или снимаат со мобилни телефони.
Содржината предизвика бројни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за безбедноста во училиштата, присуството на наставници во дворовите и потребата од итни мерки против врсничкото насилство. Засега нема официјална информација дали училиштето или надлежните институции презеле конкретни чекори по инцидентот.






