MKinformer

your daily dose of news

12 годишно дете хоспитализирано поради булинг во училиште во Куманово

04/03/2026 22:11

Дванаесетгодишен ученик од Куманово завршил на лекување на Клиниката за психијатрија во Скопје поради последици од булинг во училиштето. Случајот во полиција го пријавила неговата мајка, која тврди дека нејзиниот син подолг период бил малтретиран од соученик.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 35-годишна жена од кумановско пријавила дека нејзиниот 12-годишен син бил навредуван и исмејуван од соученик во основно училиште во Куманово.

„Соученикот често го навредувал и го исмејувал, а во еден случај го наведувал да скокне од прозорецот на училницата“, информираат од МВР.

Мајката изјавила дека детето претходно го известило педагогот во училиштето за случувањата, но според неа не биле преземени мерки, ниту пак таа била информирана за проблемот. За ситуацијата дознала кога на детето му се слошило во училиштето.

„Во петокот се врати порано од училиште. Му се слошило, добил паничен напад и чувство на гушење. Се плаши да оди на училиште“, изјавила мајката, додавајќи дека соученикот го навредувал и со погрдни зборови за неговото братче кое има здравствени проблеми.

По лекарските прегледи во Кумановската болница и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, детето било хоспитализирано на Клиниката за психијатрија.

Мајката тврди дека малтретирањето траело подолг период, бидејќи детето било мирно и повлечено, па често било мета на навреди и физички напади. Таа апелира надлежните институции да преземат мерки за спречување на булингот во училиштата.

Во меѓувреме, во Куманово се пријавени уште два случаи на напади меѓу ученици во основни училишта.

Од МВР информираат дека 31-годишна жена пријавила дека во училишниот двор на основно училиште во Долно Којнаре нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од друг ученик.

Дополнително, 33-годишна жена од селото Доброшане пријавила дека на 27 февруари во основно училиште во Куманово нејзината малолетна ќерка била физички нападната од соученици.

Надлежните институции информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите пријавени случаи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!