Руска делегација викендов „тајно“ во Мајами на нова рунда преговори за мир во Украина
18/12/2025 10:52
Американски и руски претставници би требало да одржат нова рунда разговори викендов во Мајами, во рамките на иницијативата на администрацијата на Доналд Трамп за ставање крај на речиси четиригодишната војна во Украина, објави „Политико“, повикувајќи се на извори упатени во процесот.
По неуспешните обиди на американската администрација да постигне брз договор, САД го засилија притисокот врз Киев да прифати одредени отстапки кои би го забрзале завршувањето на конфликтот. Специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер претходно оваа недела водеа повеќечасовни преговори во Берлин со украински и европски претставници, на кои се разговарало за безбедносните гаранции од САД, можните територијални компромиси и идните чекори.
Според „Политико“, ако средбата во Мајами се реализира, американската страна ќе им ги претстави на руските претставници резултатите од берлинските разговори. Се очекува руската делегација да ја предводи шефот на рускиот суверен инвестициски фонд, Кирил Дмитриев, а американската страна повторно ќе ја претставуваат Виткоф и Кушнер.
Вашингтон, наводно, понудил договор за взаемна одбрана сличен на НАТО-моделот, додека Киев се согласил да се откаже од барањето за итно членство во Алијансата. Дел од американските претставници веруваат дека Москва би прифатила Украина да се интегрира во ЕУ во рамките на конечниот договор.
Но, најновите изјави на Владимир Путин од Москва укажуваат на тоа дека рускиот став останува непроменет. Путин повтори дека Русија нема да се откаже од својата „историска мисија“ во Украина, упатувајќи остри пораки кон европските држави кои ја поддржуваат Киев.






