Виткоф: На денешните разговори во Берлин постигнавме значителен напредок за крај на војната
15/12/2025 0:29
Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, соопшти дека на денешните разговори во Берлин меѓу високи американски и украински претставници е постигнат значаен напредок во напорите за ставање крај на војната во Украина.
Виткоф преку објава на платформата X информираше дека разговорите биле детални и конструктивни, додавајќи дека двете делегации ќе продолжат со средбите и утре наутро.
Претходно, советникот на украинскиот претседател, Дмитро Литвин, изјави дека првата рунда разговори траела повеќе од пет часа и дека фокусот бил ставен на разгледување на нацрт-документи за можен крај на конфликтот. Според него, разговорите ќе продолжат во понеделник, кога се очекува и официјален став од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Денеска во Берлин се одржа и средба меѓу Зеленски и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на која присуствуваа Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Главната тема на состанокот беше можноста за политички договор за прекин на војната.
Украинската делегација беше составена од високи безбедносни и дипломатски функционери, меѓу кои секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, првиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Кислица, советници од претседателскиот кабинет и началникот на Генералштабот Андриј Хнатов. Американската страна, пак, ја претставуваше и врховниот командант на силите на НАТО во Европа, Алексис Гринкевич.
Зеленски претходно оцени дека берлинскиот самит е клучна можност за усогласување со американските и европските партнери околу рамковен мировен план од 20 точки, кој предвидува прекин на огнот и безбедносни гаранции за Украина.
Во објава на „Телеграм“, украинскиот претседател истакна дека сите сегменти од предложените документи се внимателно разработени, со цел договорените чекори да обезбедат реална и долгорочна безбедност. Според француски медиуми, Зеленски настојува САД да поддржат замрзнување на фронтовската линија во нејзината сегашна позиција, како предуслов за понатамошни преговори со Москва.






