САД собрале 235 милијарди долари од царини во 2025, Врховниот суд ја оценува законитоста
22/12/2025 8:57
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Министерството за финансии собрало 235 милијарди долари од царински такси од почетокот на годината. Податокот беше презентиран за време на божиќен видео-пренос на официјалниот YouTube канал на Белата куќа, во кој беа истакнати „успесите на МАГА во 2025 година“.
Во видеото, покрај музичка подлога, се прикажуваше листа со наслови за постигнувања на администрацијата – од миграциски политики до мерки против кризата со фентанил – пренесува агенцијата ДПА. На десната страна од екранот беше прикажана цртана илустрација на Трамп, кој чита книга покрај новогодишна елка.
Прикажаната бројка е нешто поголема од претходните официјални податоци. Минатата недела, Американската царинска и гранична служба соопшти дека од инаугурацијата на 20 јануари до 15 декември се собрани нешто над 200 милијарди долари од царини.
И покрај зголемените приходи, администрацијата не ги достигна сопствените проекции. Во јули, министерот за финансии Скот Бесент изјави дека очекува царинските приходи да достигнат 300 милијарди долари до крајот на 2025 година.
Во меѓувреме, Врховниот суд на САД ја разгледува законитоста на царините што Трамп ги воведе без одобрение од Конгресот. Суштинското прашање е дали претседателот имал право да се повика на Законот за вонредни состојби од 1977 година за еднострано воведување царини врз производи од повеќе држави.
Низ пониските судови политиката беше блокирана, откако американски компании и повеќе сојузни држави поднесоа тужби. Трамп ги оправда мерките со безбедносни причини, вклучително и борба против нелегалната миграција, фентанилот и трговскиот дефицит.
Сè уште не е познато кога Врховниот суд ќе ја донесе конечната пресуда. Доколку судот пресуди против администрацијата, можно е ревидирање на дел од тековните трговски договори и царински мерки.




![ТРАМП ГИ ВОВЕДЕ ВЕТЕНИТЕ АГРЕСИВНИ ЦАРИНИ ЗА КАНДА, МЕКСИКО И КИНА tramp1[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/08/tramp11.jpg)

