MKinformer

your daily dose of news

Апелацискиот суд ја зголеми казната за директорите во случајот „Модуларна болница Тетово“

24/12/2025 21:15

Апелациски суд Гостивар денеска преку официјално соопштение информираше дека се преиначени првостепените пресуди на Основен суд Тетово во судскиот процес поврзан со трагичниот пожар во тетовската модуларна болница, во кој во 2021 година животот го загубија 14 пациенти.

Со одлука на повисокиот суд, поранешните директори Флорим Бесими и Артан Етеми добија зголемени затворски казни. Наместо претходно изречените една година и шест месеци, Апелацискиот суд им одреди казна затвор од по три години.

Истовремено, за правното лице Клиничка болница Тетово е изречена повисока парична казна во износ од 1.300.000 денари, поради кривичното дело предизвикување општа опасност.

Како што информираат од судот, одлуката е донесена на 26 ноември 2025 година, при што биле одбиени жалбите на осудените директори, а во целост биле уважени жалбите поднесени од Основно јавно обвинителство Тетово.

„Судот ја преиначи пресудата во делот на кривичната санкција и имотноправното побарување, при што обвинетите беа осудени на по три години затвор, а обвинетото правно лице на парична казна од 1.300.000 денари“, се наведува во соопштението на Апелацискиот суд Гостивар.

Со оваа одлука, повисокиот суд оцени дека првично изречените казни не ја одразувале тежината на делото и последиците од трагедијата што ја потресе јавноста и остави длабоки последици кај семејствата на жртвите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!