MKinformer

your daily dose of news

Судскиот совет ќе ја проверува работата на судиите: Под лупа сите судии во државата

10/02/2026 11:47

Судски совет на Република С. Македонија започнува најширока и најсеопфатна проверка досега на работата на судиите, најави претседателот на Советот, Александар Камбовски. Контролата ќе ги опфати сите апелациски и основни судови во државата и ќе се спроведува по фази, согласно план и динамика што допрва ќе се утврдуваат.

Поради ограничени кадровски и технички ресурси, проверките нема да се одвиваат истовремено во сите судови. Процесот најпрво ќе започне во Апелацискиот, Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје, по што ќе се прошири и во останатите судови низ државата.

Одлуката на Судскиот совет следува по случајот со апелацискиот судија Ѓоко Ристов, осомничен за противправно стекнување и прикривање имот поврзан со корупција и трговија со влијание, при што во домот на неговите родители во Неготино беа пронајдени 350 илјади евра во готовина. Од Судскиот совет нагласуваат дека овој случај не е исклучок, туку почеток на системска проверка.

Во моментов, најмалку шест предмети во кои постапувал Ристов се предмет на анализа, по анонимни претставки доставени до Советот, а извештајот се очекува до крајот на неделата.

Камбовски: Нема судија без претставка

Камбовски откри дека речиси нема судија во државата против кого не е поднесена претставка.
420 судии се опфатени. Огромен дел од претставките доаѓаат од незадоволни странки, кои паралелно со жалбите до повисок суд доставуваат и претставки до Судскиот совет“, изјави тој.

Иако дел од пријавите се резултат на незадоволство од судските одлуки, фактот дека не постои судија без барем една претставка ја отвора сериозно дебатата за квалитетот на судењето, етиката и судските процедури.

Благи санкции за сериозни пропусти

Според податоците на Судскиот совет за 2024 година, дисциплински мерки биле изречени на само шест судии, најчесто во форма на намалување на плата или јавен укор. Од 97 поднесени барања за утврдување одговорност, најголем дел биле отфрлени или запрени.

Во истиот период, само кај еден судија била утврдена престанок на судиската функција, и тоа поради правосилна кривична пресуда. Како симбол на институционалниот неуспех останува и случајот со апелацискиот судија Енвер Беџети, кој девет месеци го држел предметот „Тврдина-Таргет“ за да застари, а беше разрешен дури по неговото ставање на „црната листа“ на САД.

Минимална доверба, итна потреба од реформи

Судството е институцијата со најмала доверба кај граѓаните, што ги засилува барањата за длабоки и суштински реформи. Министерот за правда порача дека предложените мерки мора да бидат сериозно анализирани и спроведени, доколку целта се мерливи и одржливи резултати.

Реформите, според најавите, треба да опфатат кадровско зајакнување, модернизација на инфраструктурата, зголемување на институционалниот интегритет и, пред сè, независни и ригорозни контроли врз работата на судиите и Судскиот совет.

Иако од Советот тврдат дека 99 отсто од судиите се чесни и професионални, токму останатиот еден процент ја руши довербата во целиот систем. Доколку најавената проверка биде транспарентна и доследна, таа може да претставува пресвртница за македонското судство. Во спротивно, ќе остане уште еден неуспешен обид што ја продлабочува недовербата во правдата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!