MKinformer

your daily dose of news

Драма на Попова Шапка: Ренџери на Шар Планина загрозени од нелегално користење ратраци

16/01/2026 15:10

Драматични сцени се случиле вчера на Попова Шапка, каде ренџерите на Национален парк Шар Планина се нашле во сериозна опасност при извршување на службени задачи.

Рутинска контрола прераснала во тензичен инцидент откако оператор, без соодветна дозвола и без склучен договор со Националниот парк, вршел туристичка дејност со пет ратраци на државно земјиште, при што директно ги попречувал службените лица на терен.

„Нелегитимните постапки на операторот создадоа директен ризик за животот и безбедноста на вработените, со што беше оневозможено спроведувањето на нашите задачи“, соопштија од ЈУ НП „Шар Планина“.

По утврдувањето на прекршокот, веднаш е изречена забрана за понатамошно движење на ратраците. Од Националниот парк потсетуваат дека ваквите возила смеат да се користат исклучиво во зоните за активно управување и само со претходно склучен договор, со цел заштита на природата и биодиверзитетот.

По инцидентот, најавено е поднесување пријави до Министерство за внатрешни работи и до Државен инспекторат за животна средина, за утврдување на одговорноста и преземање соодветни мерки.

Од Националниот парк повторно апелираат дека скијањето со ратраци е строго забрането во зоните под строга заштита, додека во дозволените зони мора да се почитуваат сите законски процедури и договорни обврски.

Ренџерската служба најави дека контролите на терен ќе продолжат со зголемен интензитет, со цел спречување на нелегални активности, заштита на природното богатство и обезбедување безбедни услови за вработените.

error: Содржината е заштитена од копирање !!