„Пивтијада“ денеска во Автокоманда: Хуманитарна манифестација со пивтии
19/01/2026 10:47
Традиционалната гастрономска и хуманитарна манифестација „Пивтијада“ денеска ќе се одржи на плоштадот во населбата Автокоманда, во Општина Гази Баба.
Настанот, кој од година во година привлекува сè поголем број посетители, има хуманитарен, натпреварувачки и забавен карактер, а целта е собирање средства за Клиника за детски болести.
„Со хуманитарен, натпреварувачки и забавен карактер, ‘Пивтијадата’ повторно ги обединува граѓаните во духот на солидарноста и традицијата. Ќе се продаваат пивтии, а сите собрани средства ќе бидат донирани на Клиниката за детски болести. Ги повикувам сите граѓани да дојдат, да бидеме хумани, да се дружиме и да уживаме со убава музика“, објави на Фејсбук градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Во рамки на натпреварувачкиот дел, учесниците ќе се надпреваруваат за најубаво украсени пивтии, а по оценувањето од стручна комисија ќе бидат прогласени и наградени трите најдобри.
Забавниот дел од програмата ќе биде збогатен со настапи на познати музички имиња: Миле Кузмановски, Давид Темелков, Даниела Темелковска и Ансамбл Јонче Христовски.
Организаторите очекуваат голема посетеност и уште една успешна манифестација која ја негува традицијата, хуманоста и заедништвото во локалната заедница.






