ВМРО-ДПМНЕ со жестоки напади врз ССМ: Трендафилов обвинет дека одбил 40% зголемување на платите
29/01/2026 13:39
По серијата политички конфронтации со опозицијата и нејзините лидери, ВМРО-ДПМНЕ ги насочи нападите и кон синдикалното движење. По вчерашниот протест на Соjуз на синдикатите на Македонија за повисоки плати, владејачката партија жестоко го нападна претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, обвинувајќи го дека работи против интересите на работниците.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ССМ и Трендафилов одбиле понуда за зголемување на платите од 40 проценти во период од две години, оценувајќи дека со тоа директно им наштетиле на вработените во јавниот сектор.
„Слободан Трендафилов е единствениот синдикалец на светот кој е против поголеми плати за работниците и е политичка маша на СДС, ДУИ и Левица“, се наведува во партиското соопштение.
Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Трендафилов дека не ги поздравил досегашните колективни договори и зголемувањата на платите во образованието, здравството, Министерство за внатрешни работи, Министерство за одбрана и центрите за социјална работа.
Партијата дополнително посочува дека колективниот договор, кој Трендафилов го потпишал заедно со поранешната министерка за труд и социјална политика, а сегашна потпретседателка на СДСМ, Јованка Тренчевска, е истечен, што, според нив, отвора можност за нов договор со значително повисоки плати.
„Одбивањето да се потпише нов колективен договор јасно покажува дека кај ССМ нема волја за подобрување на животниот стандард на работниците“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, повторувајќи ги обвинувањата дека Трендафилов е „политичка марионета“ на ДУИ и Левица.
Синдикатите засега не одговорија на овие обвинувања, но протестите за повисоки плати, според најавите, ќе продолжат и во наредниот период.




