Работнички бунт пред врата: ССМ најавува протести и блокади за минимална плата од 600 евра
17/01/2026 12:53
Државата наскоро ќе се соочи со силен бран работничко незадоволство. Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека во втората половина од месецов ќе започнат протести, улични блокади и штрајкови во повеќе институции, поради одбивањето да се зголеми минималната плата на 600 евра и сите останати плати за дополнителни 100 евра.
Од ССМ предупредуваат дека доколку Владата и работодавачите не покажат подготвеност за договор, можно е сценарио со генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор.
Синдикатот секојдневно преку социјалните мрежи ги објавува аргументите за штрајк, а како клучни ги издвојува длабоките разлики меѓу платите на функционерите и на работниците.
250 евра за функционерите – 25 евра за работниците
Од ССМ реагираат дека во февруари функционерите ќе добијат зголемување на платите од 200 до 300 евра, додека за работниците Владата нуди само законско усогласување на минималната плата од околу 25 евра.
„Функционерите ги оставија работниците сами да се договорат со газдите, а истите тие функционери ќе добијат значително покачување без никакви разговори“, обвинуваат од ССМ.
Синдикатот потсетува дека платите на функционерите се пресметуваат врз основа на просечната плата во државата, според податоците на Државен завод за статистика, со дополнителни коефициенти и додатоци за работен стаж.
Минималната плата под прагот на сиромаштија
Според ССМ, минималната плата од 24.379 денари е далеку под прагот на сиромаштија, кој изнесува 31.200 денари месечно за четиричлено семејство. Владата, според синдикатот, нуди минималец кој и по усогласувањето ќе остане за околу 5.200 денари под прагот на сиромаштија.
„Тие сакаат работниците да одат на работа, а да останат сиромашни“, реагираат од ССМ.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, посочува и на податоците од Управа за јавни приходи, според кои повеќе од 16.000 работници земаат плата под 23.000 денари.
„Не си газда, министер или пратеник – работник си“
Синдикатот укажува дека највисоките работодавачи во државата исплатиле плати и до 700.000 евра месечно, додека над 1.000 функционери земаат нето-плати меѓу 100.000 и 180.000 денари. Дополнително, пратениците лани инкасирале над 14 милиони денари за патни трошоци.
„Сите тие одбиваат да ја зголемат минималната плата барем до прагот на сиромаштија, па затоа бараме зголемување од најмалку 6.000 денари или 100 евра за сите плати“, нагласуваат од ССМ.
И 600 евра не се доволни?
Дел од работниците на социјалните мрежи сметаат дека и минимална плата од 600 евра е недоволна со оглед на високите цени и животниот стандард. Во коментарите често се споменува износ од 50.000 денари како минимум за достоинствен живот.
Трендафилов уште во новогодишното интервју предупреди дека македонскиот работник е продуктивен, но потценет и слабо платен. Анкетите на ССМ покажуваат дека 99,5 отсто од работниците се подготвени да поддржат протести и штрајкови доколку не дојде до реално зголемување на платите.





