MKinformer

your daily dose of news

Синдикатите во судир за платите: Инфлацијата го изеде минималецот, работниците останаа со празни џебови

15/01/2026 16:32

Додека синдикатите водат отворена битка околу тоа дали и колку треба да се зголеми минималната плата, работниците во Македонија секојдневно се соочуваат со сè потешка економска реалност. Инфлацијата, која подолго време не се симнува под 4 проценти, целосно го обезвредни ланското зголемување, а платите останаа „заглавени“ меѓу спротивставените ставови на синдикалните организации.

Раздорот меѓу Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) и Конференција на слободни синдикати (КСС) сè повеќе го отвора прашањето дали ваквата состојба оди во прилог на Владата и работодавците, додека барањата на работниците се туркаат во втор план. Дополнителен притисок создава и фактот што во март следува ново законско усогласување на минималната плата.

Незадоволството поради тоа што минималната плата не се зголемува, ССМ најави дека ќе го изрази преку протести, штрајкови и блокади. Главното барање е минимална плата од 600 евра и зголемување од 100 евра на сите останати плати. Овие најави доаѓаат по повеќемесечен застој во разговорите за раст на минималецот.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека Владата и работодавците имале доволно време да се договорат и да им кажат на работниците какво зголемување можат да очекуваат, но тоа не се случило.

„Македонската минимална плата е најниска во регионот. Во другите земји таа веќе е над 500 евра, додека кај нас работниците се држат на работ на сиромаштија. Според официјалните податоци, за едно семејство да не биде сиромашно потребни се најмалку 31.200 денари, а минималната плата е 24.379 денари“, истакнува Трендафилов.

Од ССМ посочуваат дека 33,3 отсто од работниците земаат плата под 30.000 денари, што е и причина зошто се бара зголемување од најмалку 6.000 денари за сите плати. Анкетите на синдикатот покажуваат дека дури 99,5 проценти од работниците се подготвени да излезат на протести доколку до крајот на 2025 година не дојде до зголемување.

Од друга страна, од КСС велат дека не добиле официјална покана за протест и сметаат дека нема потреба од радикални чекори. Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, наведува дека во изминатата година и пол платите во повеќе сектори пораснале за околу 20 проценти, особено таму каде што има колективни договори.

Владата, пак, во изминатиот период одговорноста ја префрли на работодавците и синдикатите, оставајќи тие да најдат заедничко решение. Работодавците предупредуваат дека зголемување на минималната плата без соодветна продуктивност и економски раст може да доведе до отпуштања и затворање компании.

И од Управа за јавни приходи потврдуваат дека повеќе од 30 проценти од вработените земаат плата под 30.000 денари, а околу 16.000 граѓани примаат примања до 23.000 денари месечно, заклучно со ноември 2025 година.

error: Содржината е заштитена од копирање !!