MKinformer

your daily dose of news

ССМ најави голем протест на 14 март: бара минимална плата од 600 евра

06/03/2026 18:58

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави нов работнички протест кој ќе се одржи на 14 март во Скопје, со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на прес-конференција во Работничкиот дом изјави дека одлуката за нов протест доаѓа по игнорирањето на синдикалните барања од страна на Владата и работодавачите.

Според него, предложеното законско усогласување на минималната плата од само 1.667 денари е недоволно и не ја следи реалната економска состојба во државата.

„Работниците мора конечно да излезат на протест и да се изборат за зголемување на минималната плата и на сите останати плати. Доколку не го направат тоа, ќе им дадат аргумент на Владата и на работодавачите дека платите во Македонија се добри и дека зголемување од 1.667 денари е доволно“, рече Трендафилов.

Тој ги повика работниците од целата држава масовно да се приклучат на протестот, нагласувајќи дека ќе биде организиран превоз за работниците од другите градови кои сакаат да присуствуваат.

Трендафилов истакна дека мартовското усогласување од 1.667 денари не ја покрива ниту зголемената вредност на синдикалната потрошувачка кошничка.

Според податоците од Управата за јавни приходи, околу една третина од вработените во државата примаат плата под 30.000 денари, што, според него, покажува дека масовната поддршка од работниците е клучна за исполнување на барањата.

Тој потсети и на протестот одржан во јануари, кога, како што рече, големиот одѕив на работниците довел до 40-процентно зголемување на платите за околу 11.000 работници.

Во своето обраќање, Трендафилов ги отфрли обвинувањата дека синдикалните активности имаат политичка позадина, нагласувајќи дека ССМ нема да дозволи политичките партии да собираат поени на сметка на работничките проблеми.

„Политичарите имаа можност да ги зголемат платите додека беа на власт, а не да нудат поддршка само кога се во опозиција“, рече Трендафилов.

На прашањето на кои партии алудира, тој одговори дека станува збор за сите политички субјекти во земјата, вклучително и СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и другите партии.

Во однос на најавите за генерален штрајк, Трендафилов потврди дека таквата одлука веќе е донесена, но нејзината реализација ќе зависи од поддршката на работниците.

„Генералниот штрајк ќе се одржи, но поддршката од работниците треба да биде тројно поголема од онаа на јануарскиот протест. Во спротивно, тоа ќе значи легитимирање на ваквите политики на сметка на работничките плати“, порача претседателот на ССМ.

One thought on “ССМ најави голем протест на 14 март: бара минимална плата од 600 евра

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!