Вучиќ ги потпиша спорните судски закони: Брисел предупредува на чекор назад за Србија
31/01/2026 0:01
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска ги потпиша указите за прогласување на пакетот судски закони, кои претходно беа изгласани во српскиот парламент на 28 јануари. Со потписот на шефот на државата, законите официјално стапија во сила, иако истите беа остро критикувани од Европска комисија.
Од Брисел оценуваат дека усвоените законски измени претставуваат сериозен чекор наназад во процесот на европска интеграција на Србија. Европската комисија упати повик до српските власти во најкраток можен рок да ги преиспитаат законските решенија и да ги усогласат со европските стандарди, нагласувајќи дека измените директно ја загрозуваат независноста на судската власт и автономијата на обвинителствата.
Европската комесарка за проширување Марта Кос истакна дека од земја кандидат за членство во Европска Унија се очекува одговорно, транспарентно и инклузивно носење на законите. Таа посочи дека нивното усвојување по забрзана постапка, без јавна дебата и пошироки консултации, претставува сериозно назадување во реформските процеси.
Во меѓувреме, опозициските партии во Србија реагираа дека вистинската цел на законските измени е зголемување на политичкото влијание врз судството и слабеење на независноста на јавните обвинителства. Тие посочија дека во собраниската процедура биле одбиени сите амандмани поднесени од опозицијата, кои се однесувале на законите за јавното обвинителство, судиите, како и на законот што ги уредува седиштата и надлежностите на судовите и обвинителствата.
Критичарите предупредуваат дека ваквиот развој може дополнително да ги усложни односите меѓу Србија и Европската унија и да го забави европскиот пат на земјата.






