Граѓанска организација открила база на руски „Вагнер“ во Бугарија?
12/02/2026 16:35
Граѓанската организација БОЕЦ објави дека идентификувала објект за кој тврди дека е поврзан со руската приватна воена компанија Вагнер на планината Витоша, во близина на селото Кладница, во областа Перник, јужно од Софија.
Информацијата ја соопшти лидерот на БОЕЦ, Георги Георгиев, за време на пренос во живо на социјалните мрежи. Според активистите, станува збор за мала зграда лоцирана во тешко пристапен планински предел, која, како што наведуваат, е силно обезбедувана.
Во објавените снимки се гледа руско знаме и амблем на „Вагнер“ поставени на објектот, додека лица во негова близина носеле облека и капи со логото на групата. Од БОЕЦ тврдат дека безбедносниот персонал користел кучиња и дека пристапот до локацијата бил строго контролиран.
Организацијата соопшти дека веднаш доставила извештај до Министерството за внатрешни работи на Бугарија, во кој укажува на наводно присуство на вооружени лица и симболи на санкционирана организација на територијата на земјата. Од таму засега нема официјална реакција.
Контроверзна група под меѓународни санкции
Групата „Вагнер“ често се поврзува со руските безбедносни структури. Нејзиното име се доведува во врска со германскиот композитор Рихард Вагнер, а за основачи се споменуваат Евгениј Пригожин и Дмитриј Уткин. Пригожин загина во авионска несреќа во 2023 година, по отворениот конфликт со рускиот претседател Владимир Путин.
„Вагнер“ е под меѓународни санкции и во одредени земји е класифицирана како терористичка организација, додека други ја третираат како криминална структура. Групата е обвинувана за сериозни злоупотреби на човековите права во повеќе конфликтни зони.
Засега нема официјална потврда од бугарските институции за наводите на БОЕЦ, а случајот отвора прашања за евентуално присуство на странски паравоени структури на територијата на земја членка на Европската Унија.






