MKinformer

your daily dose of news

САД запленија руски танкер „Маринера“ во Атлантикот

08/01/2026 7:59

Масивен танкер за сурова нафта, регистриран под руско знаме и познат под името „Маринера“, стана центар на глобално внимание откако беше запленет од американските сили во Северниот Атлантик, по повеќедневно следење и зголемени геополитички тензии меѓу Вашингтон и Москва.

Иако бродот не превезувал нафта во моментот на заплената, неговата стратешка вредност, според западни извори, е значителна. Танкерот, долг околу 300 метри, се поврзува со т.н. „флоти во сенка“, мрежи на бродови што Русија, Иран и Венецуела ги користат за заобиколување на западните санкции и нелегален транспорт на енергенси и друг товар.

Американската администрација, предводена од Доналд Трамп, минатиот месец воведе поморска блокада на танкери кои ги прекршуваат санкциите во близина на Венецуела, земја со најголеми резерви на нафта во светот и клучна точка за активностите на ваквите флоти.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, за првпат официјално потврди дека САД заплениле два венецуелски танкери, еден во Северниот Атлантик и еден во Карибите. Таа истакна дека акцијата испраќа јасна порака дека САД нема да толерираат кршење на санкциите, додавајќи дека екипажите на ваквите бродови можат да се соочат со судски постапки во САД.

Москва остро реагираше, оценувајќи ја заплената како кршење на меѓународното право, и побара итно ослободување и хуман третман на руските државјани на бродот. Руското Министерство за надворешни работи упати и формален дипломатски протест до Вашингтон.

„Маринера“ претходно го носела името „Бела 1“, а во декември го сменила името и курсот откако избегнала апсење во Карипското Море. Од јуни 2024 година, бродот е под санкции на Министерство за финансии на САД, поради сомнежи дека превезувал нелегален товар поврзан со Хезболах.

Дополнителна тежина на случајот му дава фактот што Русија во последните недели почнала да регистрира поранешни танкери од „флотата во сенка“ под свое знаме,  што аналитичарите го толкуваат како директен предизвик кон Западот.

Според Крег Кенеди, соработник во Центарот Дејвис за руски и евроазиски студии при Универзитет Харвард, Москва погрешно проценила дека САД нема да се осмелат да запленат брод под руско знаме.

„Ова беше обид Русија да стекне влијание со интервенција во американската блокада врз Венецуела, но потегот ѝ се врати како бумеранг“, оцени Кенеди.

Ситуацијата дополнително ескалираше кога, според „Волстрит џорнал“, Русија испратила подморница и други поморски средства за да го придружуваат танкерот, само неколку часа пред американските сили да се качат на бродот. Во меѓувреме, бродот бил следен од американски и британски извидувачки авиони, што укажува на координирана трансатлантска операција.

Заплената на „Маринера“ се смета за една од најризичните поморски операции во последните години, со потенцијал сериозно да ги заостри односите меѓу САД и Русија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!