Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење
20/02/2026 11:21
Народна банка на Република Македонија оваа година одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење, јубилеј што го симболизира долгорочниот и одговорен развој на институцијата во различни економски и општествени услови.
Темелите на централнобанкарското работење во земјава се поставени на 25 септември 1946 година со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Процесот беше заокружен со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година.
Со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, по стекнувањето независност, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, преземајќи ги сите клучни функции на современото централно банкарство.
Во изминатите осум децении институцијата функционираше во услови на стабилност, но и во периоди на длабоки економски трансформации и неизвесност. Постепено ги зацврсти своите надлежности, институционалниот интегритет и независноста, градејќи кредибилитет и доверба кај јавноста.
Денес, Народната банка е модерна и професионална институција, чија примарна цел е одржување на ценовната и финансиската стабилност. Со своето делување создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст.
Од институцијата најавуваат дека по повод јубилејот ќе бидат реализирани повеќе активности со кои ќе се одбележи историското наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.






