MKinformer

your daily dose of news

САМО ТРИ БАНКИ СО ЗАРАБОТКА ОД РЕЧИСИ 200 МИЛИОНИ ЕВРА ВО 2024 ГОДИНА

03/02/2025 16:09

Доминантната тројка на домашниот банкарски пазар има заедничка добивка од вкупно 191,2 милиони евра. Остварена од работењето во 2024 година, во услови на сериозни предизвици и неизвесности, проследени со неповолни движења…, како што самите нагласуваат. А, да беа околностите поволни, колкав ли ќе беше финансискиот резултат на Комерцијална банка, Стопанска банка и на НЛБ банка?

Стабилен е банкарскиот систем. Отпорен на страничните надворешни и внатрешни влијанија. Тоа уште еднаш се потврди и во текот на минатата година. Особено на примерите на банките кои го сочинуваат македонското трио фантастико. Кои имаат солидна база за високи достигнувања. Доволни е да се земат предвид само податоците за кредитите и депозитите.

Во декември 2024, според последниот извештај на Народната банка, нивото на вкупните депозити е 9,76 милијарди евра. Од тој износ, 6,01 милијарда евра се доверени на Комерцијална, Стопанска и на НЛБ банка. Или, кај нив се 61,6 проценти од парите на граѓаните и на компаниите. Распоредени се 2,51 милијарда евра кај Комерцијална банка, 1,76 милијарди евра кај Стопанска банка и 1,74 милијарди евра кај НЛБ банка.

Понатаму, сите банки во земјава одобриле кредити од 8,03 милијарди евра. А, трите банки – 4,24 милијарди евра. И тоа, Стопанска банка 1,6 милијарди евра, НЛБ банка 1,36 милијарди евра и Комерцијална банка 1,28 милијарди евра. Што значи дека исплатиле 52,8 отсто од вкупните кредити. Врз кои, пресметувајќи и наплатувајќи камати, ги реализираат најзначајните приходи.

Во споредба со 2023 година, банките бележат зголемување на добивките. Најмногу Комерцијална банка, за 37,5 проценти. Без оглед на нискиот процент кај другите две банки, нагорните движења произлегуваат од стабилениот раст на тројката, на зголемената кредитна активност и на порастот на депозитите.

Во однос на приходите, овие банки заеднички инкасирале над 380 милиони евра. Главните приходи се генерирани од камати, од провизиите, но и од вложувањата во хартии од вредност. Со приливите од камати предничи скопската Стопанска банка, која само по тој основ наплатила 112,9 милиони евра. Но, и исплатила камати, па нето-приходите се во износ од 100,35 милиони евра. Годишното зголемување е за осум проценти. Најголем раст на ова поле, од 16,9 насто бележи НЛБ банка. Позитивното движење кај Комерцијална банка е за 14,5 проценти.

error: Содржината е заштитена од копирање !!