Москва обвинува: Ограничувањето на „Дружба“ е обид за влијание врз изборите во Унгарија
22/02/2026 11:24
Русија оцени дека ограничувањето на снабдувањето со руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ се користи како политички инструмент за влијание врз претстојните избори во Унгарија.
Родион Мирошник, специјален амбасадор на руското Министерство за надворешни работи задолжен за прашањата поврзани со Украина, изјави дека одлуката не е самостојна иницијатива на Киев, туку дека, според него, се спроведува по „директен сигнал од Брисел“.
„Во овој конкретен случај, на Зеленски му беше даден сигнал. Му беше кажано: ‘Само напред, каснете го. Каснете го Орбан’. Особено што таму се подготвуваат избори“, изјави Мирошник, обвинувајќи дека станува збор за обид да се ослабне позицијата на унгарскиот премиер.
Според него, целта е да се неутрализира ставот на Будимпешта во рамки на Европската Унија, особено во однос на финансиската поддршка за Украина.
Од украинска и европска страна засега нема официјален одговор на ваквите обвинувања.
Тензиите околу нафтоводот „Дружба“ дополнително ги усложнуваат односите меѓу Киев, Москва и дел од земјите членки на ЕУ, во период на засилени политички и енергетски предизвици во регионот.






