Унгарија се закани со стопирање на извозот на струја и гас за Украина
19/02/2026 17:51
Унгарија размислува да го прекине извозот на електрична енергија и гас во Украина доколку Киев продолжи да ја стопира испораката на нафта за Будимпешта преку нафтоводот „Дружба“. Ова на денешниот брифинг го изјави шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гуљас.
Гуљас посочи дека унгарската влада, на барање на нафтената компанија МОЛ, отстапила дел од стратешките нафтени резерви за да се ублажат последиците од прекинот.
Унгарија и Словачка се единствените земји членки на Европската Унија чии рафинерии користат руска нафта доставена преку „Дружба“. Испораката беше прекината на 27 јануари, откако Украина информираше дека нафтоводот е оштетен во руски напад со дронови.
И словачката влада одобри заем од 250.000 тони од државните нафтени резерви, со цел да се одржи снабдувањето.
Будимпешта и Братислава ја обвинуваат Украина дека намерно ја пролонгира испораката на нафта од политички причини. Двете земји веќе најавија и можност за стопирање на извозот на дизел во Киев, а Гуљас нагласи дека евентуалните мерки се координираат меѓу двете влади.
„Ќе има понатамошни противмерки доколку Украина не ја смени одлуката и продолжи да ја стопира испораката на нафта преку „Дружба““, изјави Гуљас.
Тој повторно ја обвини Украина дека се обидува да влијае врз парламентарните избори во Унгарија, закажани за 12 април.
Според податоците на консултантската компанија ExPro од Киев, Унгарија и Словачка учествувале со 68 проценти во увозот на електрична енергија во Украина овој месец. Дополнително, Унгарија обезбедува речиси една третина од тековниот увоз на гас во Украина, покажуваат податоците на украинскиот оператор за транзит на гас.






