MKinformer

your daily dose of news

22 години од трагедијата кај Мостар: Македонија се сеќава на претседателот Борис Трајковски

26/02/2026 10:37

Денеска се одбележуваат 22 години од трагичната авионска несреќа кај Мостар во која животот го загуби поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, заедно со членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Годишнината од неговата смрт ќе биде одбележана со полагање цвеќе во Скопје, во неговата родна Струмица и во Ротимље, во близина на Мостар. Делегации од државниот врв, претставници на институции и членови на семејствата ќе положат цвеќе на неговиот гроб на Градските гробишта Бутел, како и на спомен-обележјата во Ротимље и Струмица.

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, денеска го посети спомен-обележјето во чест на трагично загинатиот претседател во Ротимље.

Трајковски загина на 26 февруари 2004 година кога владиниот авион „Кингер“, со кој патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром околу осум часот по локално време, а остатоците беа пронајдени 24 часа по несреќата.

Во трагедијата животот го загубија и Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски од обезбедувањето, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Првичната истрага, спроведена од македонските и босанските власти, како причина ги посочи пропустите на екипажот при процедурата за приоѓање кон аеродромот во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.

По барање на македонските власти, во јануари 2013 година беше отворена нова истрага, водена од меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И овој извештај како клучни фактори ги наведе грешките на екипажот и системските пропусти.

Борис Трајковски е роден на 25 јуни 1956 година во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, а својата политичка кариера ја градел низ повеќе функции, меѓу кои заменик-министер за надворешни работи во Владата предводена од Љубчо Георгиевски.

За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година и ја извршуваше функцијата до трагичната смрт во 2004 година. Во јавноста остана запаметен како политичар кој се залагаше за дијалог, стабилност и евроатлантска интеграција на државата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!