ДАЛИ БУЈАР ОСМАНИ ЌЕ БИДЕ КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ЧАИР ОД ДУИ?
07/07/2025 21:53
Бујар Османи размислува за кандидатура за градоначалник на Чаир: „Чаир заслужува нов почеток“
Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека сериозно размислува за кандидатура за градоначалник на Општина Чаир на претстојните локални избори, но дека одлуката сè уште не е конечна и ќе зависи од поддршката на граѓаните.
Во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ1, Османи рече дека во партијата веќе се разговара на оваа тема, а анкетите што моментално се спроведуваат му даваат охрабрувачки сигнали. Сепак, според него, поважно од бројките е да се сретне лице в лице со граѓаните и да ја слушне нивната волја.
„Чаир е многу важна општина за ДУИ и Фронтот. Сега сум во фаза на разговор со граѓаните, со соседите, со луѓето од маалото, дали би влегле во еден таков потфат“, рече Османи, додавајќи дека изборите во Чаир имаат поголеми импликации од локално управување.
Тој оцени дека Чаир „веќе пет мандати е жртва на лошо водење“ и дека, доколку се донесе одлука за кандидатура, таа ќе биде заедничка и одговорна.
За можен дуел со Изет Меџити
На прашањето дали е можен изборен судир со Изет Меџити, Османи изјави дека не гледа суштинска разлика во политиките на Меџити и актуелниот градоначалник Висар Ганиу, и дека Чаир станал општина во која „не може да се живее нормално“.
На забелешката дека и ДУИ сноси одговорност за состојбата, бидејќи до неодамна Меџити и Ганиу беа дел од партијата, Османи нагласи дека политичката одговорност ја носат поединечни функционери, а не самата партија.






