МВР казни 37 возачи на товарни возила во засилена сообраќајна контрола
11/03/2026 12:01
Министерството за внатрешни работи соопшти дека во засилена акциска контрола на патиштата низ државата биле изречени 37 мерки за сообраќајни прекршоци кај возачи на товарни моторни возила.
Контролата била спроведена вчера во периодот од 9 до 14 часот на подрачјата на повеќе сектори за внатрешни работи, а ја реализирала Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи.
Од МВР информираат дека најголем дел од санкциите се однесуваат на прекршоци поврзани со транспортот на товар.
„Изречени се 12 мерки за возачи на товарни моторни возила поради претовар на товар, вонреден превоз и некористење на церада, една мерка за задолжителна опрема во возило, една мерка за технички неисправно возило и 10 мерки за останати сообраќајни прекршоци“, соопштија од МВР.
Дополнително, биле поднесени 13 барања за поведување прекршочна постапка против правни и одговорни лица.
Од Министерството потенцираат дека за сите сторители се изготвени соодветни поднесоци и најавуваат дека ваквите сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период.
Воедно апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите.
„Само со одговорно однесување можеме заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, додаваат од МВР.






