Акциска сообраќајна контрола низ државата: 54 казни за брзо возење, тројца возеле над 70 км/ч повеќе од дозволеното
18/01/2026 19:22
Во рамки на засилени мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот, денеска (18 јануари 2026 година) во периодот од 10:00 до 18:00 часот беше спроведена акциска сообраќајна контрола на територијата на целата држава.
Контролата ја реализираа Секторот за сообраќајни работи при Одделот за униформирана полиција и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Министерство за внатрешни работи.
При контролата биле санкционирани вкупно 54 возачи кои управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од нив, пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, додека три возачи ја надминале дозволената брзина за дури над 70 километри на час.
Според информациите од МВР, сите 54 случаи на пречекорување на брзината се евидентирани надвор од населено место, што претставува сериозен ризик за безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Дополнително, санкционирани се и осум возачи за други видови сообраќајни прекршоци, согласно важечките законски прописи.
Од МВР информираат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови и апелираат до сите возачи строго да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувањата на брзината, со цел заеднички да се придонесе за побезбедни патишта.




