За само шест часа во Битола изречени 58 казни за мотоциклисти и возачи на електрични тротинети
29/06/2026 9:37
Вчера во периодот од 17:00 до 23:00 часот била спроведена акциска контрола на подрачјето на град Битола, со цел санкционирање на возачи на мопеди, мотоцикли, трицикли, четирицикли и електрични тротинети кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Контролата ја спровеле Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи и Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување.
Од МВР информираат дека при контролата биле изречени вкупно 58 мерки за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела.
Најмногу казни за возење без кацига
Според полицијата, шест мерки биле изречени кон возачи на електрични тротинети.
Дваесет и пет мерки биле изречени за возачи кои управувале мотоцикл без заштитен шлем, односно кацига.
Исто така, била изречена една мерка за истечена полиса за осигурување, три мерки за несоодветна категорија и 18 мерки за останати сообраќајни прекршоци.
Одземено едно моторно возило
При акциската контрола било одземено едно моторно возило поради предизвикување бучавост, согласно член 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од МВР информираат дека биле откриени и четири кривични дела.
Четири лица лишени од слобода
Четири лица биле лишени од слобода поради сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик, односно управување мотоцикл без поседување возачка дозвола.
Од МВР посочија дека за сите сторители биле изготвени соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Само со одговорно однесување можеме заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, порачаа од МВР.






