Европските авиокомпании бараат итни мерки од ЕУ- нема керозин
14/04/2026 12:56
Европските авиокомпании бараат итни мерки од ЕУ поради последиците од војната со Иран, затворањето на воздушниот простор и растечката загриженост за недостиг на гориво за авиони.
Индустриската група „Авиокомпании за Европа“ побарала Брисел да реагира со пакет кризен одговор. Во документот се бара следење на снабдувањето со авионско гориво на ниво на ЕУ. Дополнително, групата бара укинување на одредени даноци во секторот.
Авијацискиот сектор е под силен притисок откако започна војната меѓу САД и Израел против Иран на 28 февруари. Дополнителен удар беа и затворањата на воздушниот простор, поради кои европските авиокомпании добија забрана да оперираат во воздушниот простор на повеќе земји од Заливот, меѓу кои ОАЕ и Катар.
Проблемот дополнително се продлабочува и со кризата со гориво. По затворањето на Ормускиот Теснец, во секторот расте стравот од недостиг на керозин. Веќе има предупредувања дека Европа може да се соочи со системски проблеми во снабдувањето за само неколку недели.
Во документот се предлага и ЕУ да размисли за заедничко купување керозин. Тоа би било модел сличен на оној што Унијата веќе го користеше за природен гас по енергетската криза во 2022 година.
Европските авиокомпании бараат итни мерки од ЕУ и во делот на законските резерви. Според нив, сегашното правило за 90-дневни резерви на нафта за итни случаи не гарантира доволно количество гориво токму за авијацијата.
Покрај тоа, од Брисел се бара и јасно толкување на правилата за слотови. Авиокомпаниите сакаат потврда дека затворањето на воздушниот простор поради воен конфликт ќе се смета за оправдано некористење на термините.
ЕУ најави дека на 22 април ќе предложи пакет мерки за ублажување на последиците од војната со Иран врз енергетските пазари. Засега нема потврда дали во тој пакет ќе има и конкретни мерки за авионското гориво.






