Сиљановска-Давкова денеска го пречекува швајцарскиот претседател Ги Пармелан во официјална посета
29/04/2026 8:08
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе го пречека претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан, кој престојува во официјална посета на земјава. Од Кабинетот на претседателката соопштија дека посетата е закажана за 29 април 2026 година.
Швајцарскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот. По официјалниот пречек е предвидена тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели. Потоа ќе следи и пленарен состанок на македонската и швајцарската делегација.
По пленарниот состанок, Сиљановска-Давкова и Пармелан ќе одржат заедничка прес-конференција. Во рамки на посетата, швајцарскиот претседател ќе положи и венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Од швајцарска страна е најавено дека посетата треба да ги истакне сѐ поблиските односи меѓу двете земји. Според официјалните информации од Берн, ова е прва претседателска посета од Швајцарија на Северна Македонија.
Во програмата на Пармелан се предвидени и средби со собранискиот спикер Африм Гаши и со премиерот Христијан Мицкоски. Најавен е и прием во организација на Швајцарската стопанска комора во Северна Македонија.






