MKinformer

your daily dose of news

Македонија одбележува 123 години од смртта на Гоце Делчев

04/05/2026 7:58

Во земјава денеска се одбележуваат 123 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Поклон во „Свети Спас“

Бројни делегации и граѓани денеска ќе положат цвеќе и ќе се поклонат пред гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Предвидена е и панихида на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. На настанот е најавено и присуство на премиерот Христијан Мицкоски.

Цвеќе ќе положи и собраниска делегација. Во неа се Велика Стојкова-Серафимовска и Фатмир Битиќи.

Трибина во Владата

По повод 123-годишнината од загинувањето на Делчев, во Владата ќе се одржи трибина. Таа е насловена „Темел на државноста – визија за иднината“.

На трибината ќе учествуваат министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

На настанот ќе учествува и директорот на Националната и универзитетска библиотека, Јовица Никчевски.

Награда во Собранието

Во Собранието ќе биде врачена државната награда „Гоце Делчев“ за 2026 година. Таа се доделува за особено значајни остварувања во областа на науката.

Годинашни добитници се проф. д-р Михајло Марковиќ и проф. д-р Соња Новотни. Наградата ја добиваат за делото „Континуитетот на македонскиот јазик I“.

Одбележување и во Штип 

Во чест на учителската дејност и мисијата на Делчев, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Општина Штип и денеска организираат настан.

Манифестацијата ќе се одржи во дворот на Ректоратот на УГД во Ново Село.

Настанот ќе почне со изведба на македонската химна. Химната ќе ја изведе академскиот хор на Музичката академија, под диригентство на Тоше Митрев.

Потоа ќе следува рецитал на студентите по народни инструменти. Тие се од Музичката академија, во класата на професорот Марјан Јанкоски.

Манифестацијата ќе заврши со положување цвеќе пред спомен-бистата на Гоце Делчев.

Живот и дело

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Роден е во семејството на Султана и Никола Делчеви.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија.

Работел како учител во Штип. Како член на Централниот комитет на ТМОРО, активно работел на создавање мрежа на бази, комитети и чети.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО во 1896 година. До 1901 година бил задграничен претставник на Организацијата во Софија.

Делчев бил убиен на 4 мај 1903 година. Загинал од османлиската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Неговите посмртни останки прво се чувале во Баница. Во 1917 година биле пренесени во Ксанти, а потоа и во Софија.

До 1923 година ковчежето со неговите коски се чувало во домот на Михаил Чаков.

На 11 октомври 1946 година, останките на Гоце Делчев биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Таму и денес почива.

error: Содржината е заштитена од копирање !!