MKinformer

your daily dose of news

Ново поглавје во односите меѓу Македонија и Индија

21/07/2026 15:20

Историска посета: Македонија за првпат е домаќин на претседател на Индија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Индија, Друпади Мурму, која престојува во првата официјална посета на шеф на индиската држава на Македонија.

По свечениот пречек во Кабинетот на претседателот, двете претседателки одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше и пленарен состанок на делегациите.

Во фокусот се економијата и инвестициите

На средбите се разговараше за унапредување на политичката и економската соработка, како и за можностите за партнерство во образованието, науката, здравството, културата, туризмот и дигиталната трансформација.

Сиљановска-Давкова оцени дека посетата претставува важен чекор во развојот на односите меѓу двете земји, истакнувајќи дека Македонија, со својата геостратешка положба и пристапот до европскиот пазар, може да биде атрактивна дестинација за индиските инвеститори.

„Геостратешката положба на Македонија, инфраструктурните коридори и пристапот до европскиот пазар отвораат можности за поголема економска соработка и нови инвестиции“, истакна македонската претседателка.

Мурму: Ова е историски момент

Претседателката на Индија, Друпади Мурму, ја оцени посетата како историски момент во билатералните односи и изрази подготвеност за продлабочување на соработката.

Според неа, Индија гледа потенцијал за партнерство со Македонија во фармацевтската индустрија, информатичките технологии, земјоделството, прехранбениот сектор и образованието.

Двете претседателки разговарале и за актуелните меѓународни случувања, при што ја нагласиле потребата од почитување на меѓународното право и мирно решавање на споровите.

Бизнис-форум и посета на Охрид

Во рамки на посетата ќе се одржи и македонско-индиски бизнис-форум, на кој ќе бидат претставени можностите за инвестирање во Македонија и ќе се остварат директни контакти меѓу компании од двете земји.

Индиската претседателка ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев, ќе се сретне со претседателот на Собранието Африм Гаши и ќе се обрати пред пратениците.

На вториот ден од посетата, Мурму и Сиљановска-Давкова ќе ја посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза, Музејот на град Скопје, каде ќе биде откриена биста на Махатма Ганди, а потоа ќе престојуваат и во Охрид.

error: Содржината е заштитена од копирање !!